ПО КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА – Судскиот совет врши проверки на предметите на судијата Ристов

Се проверуваат шест до седум предмети, извештајот од комисијата се очекува до крајот на неделава

ПО КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА – Судскиот совет врши проверки на предметите на судијата Ристов
Фото: Принтскрин

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, денеска изјави дека Советот веќе спровел контрола на дел од предметите во кои постапувал апелацискиот судија Ѓоко Ристов, против кого е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за противправно стекнување и прикривање имот, перење пари и други приноси од казниво дело.

Како што посочи Камбовски, проверките се спроведуваат во рамки на редовниот план за работа на Судскиот совет и нема да се однесуваат само на конкретниот судија, туку и на работата на сите судии во Апелацискиот суд Скопје.

„Извршена е контрола на некои од предметите во кои постапувал судијата, но во овој момент не можам да кажам дали се утврдени пропусти, бидејќи комисијата сè уште ги разгледува предметите“ – изјави Камбовски по конференцијата „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија“.

Тој информира дека се проверуваат шест или седум предмети и дека извештајот од комисијата се очекува да биде готов во текот на неделава.

Камбовски појасни дека претставката врз основа на која е поведена постапката е евидентирана како анонимна, бидејќи била потпишана од група вработени, стручни соработници и советници во Апелацискиот суд Скопје, без наведени имиња и презимиња. Дополнително, до Судскиот совет пристигнал и демант, исто така без наведени лични податоци, но со потпис, во кој се наведува дека вработените не стојат зад претставката. И двата документи, како што рече, се третираат како анонимни.

Претседателот на Судскиот совет најави дека во најкус можен рок ќе биде извршена проверка на целокупната работа на Апелацискиот суд Скопје.

Во однос на случајот со новинарката од Тетово, Љиридона Вејсели, која беше осудена на парична казна од 700 евра за кривично дело злоупотреба на лични податоци, Камбовски нагласи дека постапката сè уште не е правосилно завршена.

„Судскиот совет ја следи работата на сите судови и судии. Станува збор за тековна постапка и во моментот кога ќе процениме дека има основ за интервенција, ќе постапиме“ – изјави Камбовски.

CATEGORIES
Share This