НА ПОВИДОК НОВА ВОЈНА – Силни американски воени сили се упатија кон Иран
Ударната група на носачот USS Abraham Lincoln и три разурнувачи се упатуваат кон Иран

Претседателот на САД, Доналд Трамп, нареди распоредување на голема воена флота кон Иран и не ја исклучува можноста за воздушни напади, поради репресијата врз демонстрантите во таа земја.
„Имаме огромна флота што се движи кон регионот и можеби нема да мора да ја користиме. Се распоредува за секој случај“, рече Трамп.
Тој додава дека, ако Иран продолжи со егзекуции, американските напади врз иранските нуклеарни постројки од минатата година „би изгледале како кикирики“.
Ударната група предводена од носачот на авиони USS Abraham Lincoln и три разурнувачи го напушти Јужното Кинеско Море и се наоѓа во Индискиот Океан. Околу 5.700 дополнителни војници се испраќаат во регионот, каде веќе се распоредени бродови во Бахреин и Персискиот Залив.
Централната команда на САД потврди присуство на борбените авиони F-15E, а Велика Британија распоредила Typhoon авиони во Катар во одбранбен режим. Исто така, десетици американски транспортни авиони се префрлаат на Блискиот Исток.
Сегашната мобилизација потсетува на минатогодишните американски подготовки, кога САД распоредија системи за воздушна одбрана Patriot по нападите врз ирански нуклеарни објекти. Тогаш Иран возврати со испукување на десетина ракети кон базата Ал Удеид во Катар.

