18 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА АКАДЕМИК КЉУСЕВ – Научник, борец и прв премиер на независна Македонија

Професор и научник со значајни истражувања, членувал во МАНУ и раководел со демографските истражувања

18 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА АКАДЕМИК КЉУСЕВ – Научник, борец и прв премиер на независна Македонија
Фото: Принтскрин

На 16 јануари 2008 година, на 80-годишна возраст, почина академик Никола Кљусев, првиот премиер на независна Република Македонија (1991-1992), кој имаше значајна улога во процесите околу стекнувањето на независноста и сувереноста на македонската држава.

Кљусев завршил основно и средно образование во Штип. Уште како ученик, пред да стане полнолетен (1942-1945), активно учествувал во Антифашистичкиот отпор во партизанските единици на Македонија.

Во 1947 година заминал на студии на Економскиот факултет во Белград, но бил уапсен и испратен на Голи Оток, што резултирало со двегодишно исклучување од Универзитетот. Сепак, дипломирал економија во Белград во 1953 година, а докторирал во 1964 година.

Кариерата ја започнал како асистент на Институтот за научни истражувања во индустријата во Македонија, а од 1972 година бил редовен професор на Економскиот факултет во Скопје.

Во 1989 година бил избран за член на МАНУ, каде што раководел со Советот за демографски истражувања.

За својот научен труд, Кљусев бил носител на највисоката државна награда „11 Октомври“, како и на бројни други признанија и награди во земјата и во странство.

CATEGORIES
Share This