ТРГОВЦИТЕ ЌЕ МОРА ДА ГИ ОБЈАВУВААТ ЦЕНИТЕ НА ИНТЕРНЕТ – Нова обврска со казни до 10.000 евра
Според правилникот, на секоја веб-страница мора да постои посебен дел со назив „ценовник“, кој ќе биде слободно достапен за јавноста, без потреба од регистрација или најава. Доколку дојде до ненамерна грешка при објавување на цената, трговецот има рок од 24 часа да ја исправи.

Скопје, 15 април 2025 – Сите поголеми трговци во земјава, почнувајќи од петок, ќе мора секој работен ден најдоцна до 10 часот да ги ажурираат цените на своите производи на интернет. Ова е предвидено со нов правилник потпишан од министерот за економија, кој пропишува јасни насоки за објавување на цените и попустите онлајн.
Исто така, во случај на попусти, трговците ќе мора јасно да ја прикажат редовната цена, процентот на намалување и траењето на акцијата. Објави на социјалните мрежи нема да се сметаат како исполнување на обврската.
Обврската се однесува на поголемите трговци – супермаркети, аптеки, салони за бела техника и мебел. Исклучок се микротрговците со најмногу 10 вработени, како и трговците поединци.
Од Организацијата на потрошувачи ја поздравуваат мерката, но предупредуваат дека таа може да ги стави во неповолна положба одредени категории граѓани.
„Што со оние луѓе кои живеат во рурални средини коишто немаат ни интернет, меѓутоа немаат ни поголеми маркети, бидејќи од ова се иземени микротрговците коишто имаат до 10 вработени? На тој начин тие граѓани ќе бидат обесправени,“ изјави Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи.
Законот предвидува високи казни за трговците кои нема да ја исполнат новата обврска – дури до 10.000 евра.
Во меѓувреме, за две недели истекуваат мерките за замрзнати цени и ограничени маржи, кои досега имаа клучна улога во стабилизирање на цените. Од Организацијата на потрошувачи сметаат дека би било разумно тие да продолжат барем уште извесен период, особено поради претстојните велигденски празници кога традиционално расте побарувачката и, потенцијално, цените.
Иако некои производи може да поскапат, последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата бележи опаѓање. Трошоците за живот во март биле пониски за 1,3% во однос на февруари.


