УЈП ИМ ВРАТИ НА КУМАНОВЦИ ШТО ПРОТЕСТИРААТ – Двојно оданочување нема, сите даночни обврзници се еднакви пред законот
Граѓаните добија известувања за доход остварен во странство - УЈП појаснува дека ова е долготрајна законска обврска

Во врска со протестот во Куманово за ретроактивно оданочување на приходи остварени во странство, Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека постапува согласно Уставот, законите и меѓународните договори што ја обврзуваат Република Северна Македонија. Целта е еднаква примена на законските правила за сите граѓани.
Согласно Законот за данок на личен доход, обврската за пријавување и оданочување на доход остварен во странство не е нова мерка, ниту се воведува ретроактивно. Оваа обврска постои со години и е усогласена со универзалниот принцип според кој секој даночен резидент оданочува целокупен светски доход во државата на резидентство.
Фактот што во минатото обврската не била доследно применувана не значи дека не постоела. УЈП нагласува дека постапува во рамки на своите законски надлежности, а евентуални пропусти во минатото се одговорност на претходните раководни структури.
За граѓаните кои добија известувања за доход од странство, процесот е транспарентен и со целосни упатства за правилно поднесување на пресметка, доставување на документација и уплата на данокот без потреба од физичко доаѓање во организационите единици на УЈП.
Известувањето претставува повик за појаснување, проверка и утврдување на фактичката состојба согласно со законот. Граѓаните можат да достават докази за правилно утврдување на даночната обврска.
Резидентите кои веќе платиле данок во странство нема да бидат двојно оданочени, бидејќи Законот и меѓународните договори овозможуваат признавање на платениот данок како даночен кредит или враќање на средствата.
Граѓаните кои сметаат дека се повредени нивните права имаат можност да користат редовни правни лекови. Целта е не само да се плати данокот што сега се должи, туку и граѓаните да бидат целосно информирани и вклучени во даночниот систем преку редовно, навремено и точно исполнување на обврските понатаму.
Принципот на еднаквост пред законот е суштински и сите даночни резиденти имаат еднакви обврски и права. Пријавувањето на доходот обезбедува спречување на стекнување имот од неоданочени средства, правичност во користењето јавни добра и услуги и еднаков третман при остварување социјални и други права.
Средствата од буџетот се наменети за заеднички потреби на сите граѓани, а секој учествува преку законско плаќање даноци. УЈП останува посветена на фер и праведно оданочување и владеење на правото како императив во општеството.


