ПО ПРИТИСОК НА ЈАВНОСТА Мицкоски не ја исклучува дислокацијата на „Усје“

Премиерот најави вонредни инспекциски контроли и порача дека дислокацијата на цементарницата е опција доколку се утврди штета по здравјето и животната средина.

ПО ПРИТИСОК НА ЈАВНОСТА Мицкоски не ја исклучува дислокацијата на „Усје“
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ќе постапува во рамките на своите надлежности согласно заклучоците донесени од Советот на Град Скопје во врска со цементарницата „УСЈЕ“, потенцирајќи дека ниту вонредните инспекциски контроли, ниту евентуалната дислокација на фабриката не се спорни доколку тоа е во интерес на граѓаните.

„Побарани се вонредни инспекциски проверки и тие веќе се спроведуваат. Што се однесува до дислокацијата, таа не претставува никаков проблем за Владата. Сѐ што претставува проблем за граѓаните, претставува проблем и за нас. Граѓаните ги разбирам, сите живееме тука и го дишеме истиот воздух“, истакна Мицкоски.

Советот на Град Скопје вчера ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“ надвор од градското подрачје. Иницијативата, поднесена од „Зелен хуман град“, беше едногласно усвоена и предвидува повеќе конкретни мерки.

Меѓу нив, Град Скопје ќе побара од Министерството за животна средина да утврди дали „Усје“, како и другите индустриски капацитети, ги исполнуваат законските еколошки стандарди. Дополнително, Државниот инспекторат ќе спроведе ненајавени инспекциски надзори за утврдување на фактичката состојба на терен. Општините ќе имаат обврска да ги земат предвид наодите при изработка на урбанистичките планови, а градоначалникот на Скопје ќе побара од Владата да ја разгледа можноста за дислокација на „Усје“ и другите големи загадувачи надвор од скопската котлина.

CATEGORIES
TAGS
Share This