СВЕТЛИНА ОД ТЕМНИНАТА – Католиците, протестантите и англиканците го слават Христовото раѓање
Бадниковата вечер во знакот на семејството, постот и традицијата

Римокатоличката црква, протестантските и англиканските цркви, како и дел од православните цркви кои го прифатија новиот календар, денеска ги одбележуваат Бадник и Божиќ, празникот на раѓањето на Исус Христос.
Божиќ и вечерта пред него се проследени со бројни верски и народни обичаи, меѓу кои и пеењето божиќни песни, како дел од долгогодишната христијанска традиција. Пред заминувањето во црква, семејствата се собираат околу празничната трпеза. Во католичките средини, бадниковата вечера традиционално е посна, а дел од верниците постат сè до вечерните часови.
Пред божиќната миса, во некои краишта пристигнуваат „овчари“ кои симболично го најавуваат Христовото раѓање, по што верниците се упатуваат кон храмовите. Во текот на вечерта, според обичајот, доаѓа и Дедо Мраз, кој остава подароци под украсените елки, а централниот верски чин е полноќната миса.
Во црквите и домовите се поставуваат сцени на Христовото раѓање – пештери со слама и фигури, каде верниците оставаат дарови. Оваа традиција потсетува на доаѓањето на тројцата мудреци од Исток, кои, според преданието, ја следеле ѕвездата што ги довела до местото на раѓањето на Спасителот во Витлеем.
Полноќната миса се служи во знак на верувањето дека токму во тој миг Божјата светлина ја победува темнината. Се читаат делови од Евангелието за Христовото раѓање и настанот што оставил длабока трага во историјата на човештвото.
Бадник и Божиќ за верниците претставуваат време на духовна обнова, надеж и внатрешно преиспитување, доживувајќи го празникот како можност за лична преродба.


