НОВИ ИЗДАНИЈА ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ЕТНОЛОГИЈА Белешки од терен и списание

Изданијата нудат увид во локалната историја, секојдневниот живот и етнографските карактеристики на Македонија

НОВИ ИЗДАНИЈА ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ЕТНОЛОГИЈА Белешки од терен и списание
Фото: Институт за етнологија

Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ денеска промовираше три нови изданија:

1.„Етнографски материјали“ од проф. Ѓорги Здравев, во уредништво на проф. Инес Црвенковска Ристеска.

2.„Долно Дупени: етнолошки белешки од животот и обичаите на една населба во Долна Преспа“ од Бранислав Русиќ, во транскрипција и превод од српски на проф. Љупчо Ристески.

3. 25-тиот број на списанието „ЕтноАнтропоЗум“.

Според Институтот, Бранислав Русиќ своите теренски истражувања во Преспа ги вршел по Втората светска војна, „време кога селското и земјоделското население забрзано почнало да опаѓа, а миграцијата од село кон град се засилува“.

Неговите истражувања денес претставуваат вреден историски извор за проучување на локалната историја, секојдневниот живот, миграциите, како и промените во етничката и демографската структура“, наведува Институтот.

Проф. Ѓорги Здравев, автор на „Етнографски материјали“, се смета за еден од најголемите познавачи на македонската народна носија. Тој бил уметник и костимограф, а некогаш и професор на Институтот за етнологија и антропологија.

„Во втората половина на 20 век, Здравев е меѓу ретките истражувачи и теоретичари кои се занимавале со етнографските и естетските карактеристики на македонската народна носија и целокупното текстилно народно творештво. Неговите белешки од бројните теренски истражувања низ Македонија нудат увид во начинот на работа, како и податоци за социокултурниот контекст и општествената функција на облекувањето“, информира Институтот.

Промотори на изданијата ќе бидат Славица Христова, етнолог од Музејот на град Скопје, Јанис Манос од Универзитетот „Македонија“ во Солун и Миладина Монова од Бугарската академија на науки во Софија.

CATEGORIES
Share This