МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА ВО ПРАГА – Македонија ја јакне соработката со чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS
Делегација предводена од министерката Божиновска посети Прага за размена на искуства и унапредување на националната енергетска мрежа

Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага. Посетата е дел од интензивната агенда на Министерството за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен акцент на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во рамки на интегрираниот европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка.
Во состав на делегацијата беа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, кој има клучна улога во стабилноста и развојот на националната преносна мрежа.
Делегацијата оствари билатерална средба со Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS, како и посета на националниот диспечерски центар на Чешката Република. Во рамки на посетата беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, алатки за работа во реално време и модернизација на контролни центри, како и SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен и на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливите извори на енергија и системи за складирање како и обезбедувањето на флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS преку размена на експерти, студиски посети и специјализирани обуки и воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и е јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика за системска модернизација, стабилност и приближување кон европските најдобри практики.


