ИСТОРИСКИ ЗАФАТ НА ТОАРИЛУЦ Комплексна операција кај 4-годишно дете

Со примена на современи техники, македонските лекари отворија ново поглавје во третманот на ретки детски деформации

ИСТОРИСКИ ЗАФАТ НА ТОАРИЛУЦ Комплексна операција кај 4-годишно дете
Фото: Принтскрин

На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за првпат во Македонија е успешно изведена комплексна хируршка интервенција кај четиригодишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет. Операцијата е реализирана во соработка со реномираниот ортопедски хирург проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.

Оваа интервенција претставува значаен исчекор во зајакнувањето на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски заболувања кај деца, преку тимска работа, размена на експертиза и примена на современи хируршки техники.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски, истакна дека интервенцијата е резултат на високо ниво на мултидисциплинарна координација помеѓу ортопедскиот тим, анестезиолозите, интензивната нега и ургентната служба, со фокус на безбедноста и квалитетот на третманот.

„Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли направивме значаен чекор напред во лекувањето на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е ваквите интервенции да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, преку континуирана едукација и развој на домашните медицински тимови“, изјави Мерџаноски.

Министерот за здравство Азир Алиу нагласи дека довербата во здравствениот систем се гради преку конкретни резултати, знаење и силна тимска работа, како и со создавање услови најсложените медицински интервенции да се изведуваат во државата.

„Ова е пример како меѓународната соработка и размената на експертиза директно придонесуваат за подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи со поддршка на модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, истакна министерот Алиу.

Спренгеловиот деформитет е ретка вродена состојба при која лопатката е поставена повисоко од нормалното и е недоволно развиена поради нарушена надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Состојбата најчесто предизвикува видлива деформација и ограничено движење на рамото, а може да биде поврзана и со други аномалии, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза или присуство на дополнителна коскена или влакнеста врска со ’рбетот. За прецизна дијагностика и планирање на третманот се користат КТ и МРИ снимања, а оперативниот зафат најчесто се изведува кај потешки случаи на возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и естетскиот изглед.

CATEGORIES
TAGS
Share This