ЛАЗАРОВ ГО ПРЕТСТАВИ ПЛАНОТ ЗА ЕП – Македонија против Данска, Португалија и Романија
Првиот собир ќе се одржи во Скопје, тренинзите продолжуваат во Пореч

Машката македонска репрезентација ќе ги започне подготовките за Европското првенство 2026 година на 22 декември, кога е закажан првиот собир. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров потоа ќе заминат за Пореч, Хрватска, каде ќе тренираат заедно со хрватската репрезентација, а на крајот од подготовките е планиран и еден контролен натпревар.
По враќањето, тимот ќе продолжи со тренинзи во Скопје, пред заминувањето за Винтертур, Швајцарија, каде од 8 до 10 јануари следната година ќе учествува на „Жолтиот куп“ и ќе одигра три натпревари против домаќинот Швајцарија, како и против Бахреин и Украина.
На Европското првенство, Македонија се наоѓа во групата со ко-домаќинот Данска, Португалија и Романија. На денешниот состанок на Управниот одбор на РФМ, селекторот Лазаров го презентираше планот за подготовките:
„Данска е најсилната репрезентација во групата, Португалија е полуфиналист од последното Светско првенство, а групата ја сочинува и Романија. Нема да се предадеме и ќе се обидеме да се прикажеме во најдобро светло и да постигнеме позитивен резултат“ – изјави Лазаров.
По настапот во Швајцарија, македонскиот тим ќе отпатува за Хернинг, Данска, каде ќе одигра уште еден натпревар, а противникот ќе биде дополнително објавен.
Натпреварите од групната фаза на Европското првенство Македонија ќе ги игра во сала „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг, од 16 до 20 јануари следната година.


