ОБВИНЕТИОТ СОПСТВЕНИК НА ПУЛС Никогаш не би дозволил да се случи ова
Јованов изјави дека секојдневно ја преживува ноќта кога загинаа 63 лица и повредени беа над 200.

До денеска се чудам и сѐ уште не можам да поверувам што се случи таа вечер, рече Дејан Јованов, сопственик на дискотеката „Пулс“, на денешното рочиште во Идризово. Тој е затворен веќе девет месеци и секојдневно ја преживува трагичната ноќ.
„Ја познавам болката и тагата на починатите и нивните блиски, бидејќи и во нашата фамилија имаме загубен член, изјави Јованов, истакнувајќи дека секогаш се грижел за безбедноста на сите гости.
Тој праша зошто обвинение има и против неговиот син, Михајло, кој немал никакви врски со работата на клубот, бидејќи се занимавал со својата фирма за дистрибуција.
Бранителката на Јованов, Ивана Коцевска, рече дека обвинетиот е неправедно товарен за институционални пропусти:
„Дејан не е монструм, ниту кој било човек би посакал ваква трагедија. Таа е резултат на нефункционалноста на системот. Одговорност мора да има, но според обвинителниот акт, не може да се утврди вина со умисла, додаде Коцевска. Таа посочи дека евентуално Јованов може да одговара за небрежност, но пиротехниката не била пријавена кај него и секогаш ангажирал стручни лица.
Претходно, сите обвинети за пожарот во „Пулс“, каде што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, изјавија дека не се чувствуваат виновни, но упатија сочувство кон семејствата на жртвите.
Судењето продолжи со воведни зборови на бранителите на сопствениците на „ММММ Кафе“ и обезбедувачот Стојанчо Димитриев. Обвинителството, со тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат дека клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, поради систематска негрижа и институционални пропусти.
На обвинителна клупа седнаа 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.


