МИНИСТЕРОТ ЉУТКОВ – Македонија не е само дестинација, туку доживување
Автентични вкусови, музика и фолклор на Македонската вечер

Македонскиот министер за култура и туризам, Зоран Љутков, вечерва присуствуваше на „Македонска вечер“ во Нови Сад, настан организиран во соработка со Новосадскиот саем. Настанот, дел од 56. Меѓународен саем за туризам, беше исполнет со автентични вкусови, звуци и бои кои ја прикажуваат богатата македонска културна и туристичка понуда.
Љутков изрази благодарност до организаторите и партнерите што овозможија Македонија годинава да биде земја партнер на престижниот саем.
„Туризмот е мост што ги поврзува луѓето и културите, создава пријателства и руши бариери. Северна Македонија не е само дестинација – тоа е доживување“, истакна министерот.
На вечерта настапија хорот и оркестарот на ансамблот „Танец“, додека од домаќините настапи Позитив бенд. Министерот ги повика сите да ја посетат Македонија и да ги почувствуваат нејзините природни убавини, историски локалитети и топлината на народот.

