ЕУ СО СИЛНА ПОДРШКА ЗА КОЧАНИ Амбасадорот Рокас во посета по трагедијата од 16 март

Посетата опфати средби со локалните власти, семејствата на жртвите и преживеаните, со најави за нови европски иницијативи.

ЕУ СО СИЛНА ПОДРШКА ЗА КОЧАНИ Амбасадорот Рокас во посета по трагедијата од 16 март
Фото: Принтскрин

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, заедно со тимот од Делегацијата на ЕУ, денес ја посети Општина Кочани и оствари одделни средби со градоначалникот Владко Грозданов и со Советот на Општината.

Посетата започна на градските гробишта, каде амбасадорот и неговите соработници положија цвеќе во чест на 63-те жртви од трагичниот пожар на 16 март 2025 година.

На средбата со градоначалникот Грозданов се разговараше за состојбата во Општината по преземањето на функцијата, како и за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните речиси девет месеци по трагедијата. Општинската администрација ги презентираше приоритетите за развој на Кочани и најважните потреби на заедницата во претстојниот период. Амбасадорот Рокас ја изрази подготвеноста на ЕУ за понатамошна поддршка и соработка во процесот на заздравување на градот.

Претседателот на Советот на Општина Кочани, Александар Андов, оцени дека средбата била конструктивна и донела бројни идеи за развој во области како што се животната средина, спортот и културата. Тој упати благодарност до амбасадорот Рокас за посетата и отворениот дијалог, со надеж дека соработката ќе продолжи во интерес на подобра иднина за Кочани.

Попладнето, Делегацијата на ЕУ одржа две дискусии зад затворени врати – една со здружението на родителите на жртвите „16 март 2025“, и друга со групата преживеани од кочанската трагедија. Разговорите понудија безбеден простор за споделување лични искуства и ја нагласија значајноста на континуирана поддршка и вклученост, вклучително и на државните институции. Дискусиите беа водени од експерт од Центарот за психосоцијална и кризна акција „ЦПКА Малинска“, кој од почетокот на трагедијата ѝ обезбедува психосоцијална помош на локалната заедница.

Во текот на посетата беа истакнати и бројни иницијативи поддржани од ЕУ што се планираат за Кочани и за Источниот регион: подобрување на управувањето со животната средина, надградба на медицинска опрема, енергетски ефикасна реконструкција на јавни објекти и развој на долгорочно и одржливо користење на термалните води.

Младинскиот ангажман ќе биде унапреден преку отворањето на новата „Europe House“ во Кочани, која ќе обезбеди простор за креативност, учење и заеднички проекти. Локалните организации и независните медиуми ќе добијат нови можности за финансирање, а подобрувањето на безбедноста на работните места ќе остане меѓу приоритетите на европската поддршка.

Од Делегацијата најавија и претстојни експертски работилници за квалитетот на здравствената заштита, како и активности во рамки на иницијативата „Тим Европа“, предводена од Романија.

Посетата заврши во „Гнездо“, каде средношколци учествуваа на креативна работилница организирана од Europe House, користејќи интерактивен формат за развивање вештини во раскажување и дизајн.

По завршувањето на посетата, амбасадорот Рокас ја упати следната порака:

„Кочани покажа сила во година обележана со катастрофална загуба. Денес дојдовме пред сè да ја слушнеме и поддржиме заедницата. Посветеноста на семејствата, поддршката од локалните институции и енергијата на младите се јасно видливи. Европската Унија ќе остане сигурен партнер додека Кочани продолжува да заздравува и да чекори напред.“

CATEGORIES
TAGS
Share This