ГРАДИНКИТЕ ПРЕД СУДИИТЕ – Владата одбива ново зголемување на платите во правосудството
Мицкоски детално ја претстави реформската динамика и ги посочи точките кои бараат партиски консензус.

Премиерот Христијан Мицкоски на седницата со пратенички прашања во Собранието детално ја образложи динамиката за реализација на Планот за раст и Реформската агенда, нагласувајќи дека дел од законите и процедурите ќе се завршат до крајот на годинава, а преостанатите во првите три месеци од следната година.
Мицкоски истакна дека Законот за аудиовизуелни услуги е во завршна фаза во Министерството за дигитална трансформација. Иако иницијално било планирано во истиот пакет да се вклучи и концептот „roam at home“ – бесплатен роаминг за млади што патуваат низ Европа оваа одредба ќе се имплементира следната година преку амандмани.
„Амбицијата ни е законот да го донесеме сега, а следната година да интервенираме за роамингот“, рече премиерот.
Меѓу приоритетите ги наведе и измените во Изборниот законик, кои треба да се усогласат со препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Тој изрази очекување дека поради реформскиот карактер може да се постигне политички консензус и законот да се донесе до крајот на годината.
Премиерот посочи дека целосната либерализација на пазарот за електрична енергија е чекор кој државата во моментов не може да го направи, бидејќи би значел раст на цената на струјата за домаќинствата за 30-35%.
„Тоа би предизвикало инфлација и верижен ефект. Затоа продолжуваме со субвенции за домаќинствата на регулираниот пазар“, нагласи Мицкоски.
Во делот на правдата, тој ги издвоји законите за јавно обвинителство, за судови, за обвинителската служба и за службата во судовите. Клучната новина е вработувањето да биде со согласност од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, додека Владата само ќе биде информирана. Мицкоски потенцираше дека Владата не се согласува со предлог-зголемувањето на примањата во правосудството:
„Ако со 3-4 илјади евра месечно се жалат, како им е на децата во градинките што немаат играчки? Буџетот е истрошен, останале малку пари – затоа приоритет се градинки и училишта, а не нови зголемувања.“
Тој информираше дека новиот Закон за Судски совет веќе помина владина процедура и е во фаза на усогласување со Европската комисија, по што ќе оди во Собранието.
Како следен чекор го посочи и регистарот на компании во кои државата има удел. Законот е изработен со професори од Правниот факултет и доставен до надлежните министерства, а очекувањата се дека ќе биде усогласен и предложен во парламентот во декември.
Во тек се и усогласувања на давачки и процедури во Централниот регистар, Агенцијата за лекови = МАЛМЕД и Министерството за економија и труд. Најавена е и либерализација на железничкиот сообраќај, за што веќе имало координативен состанок со Европската комисија.
Мицкоски додаде дека се комплетира и процесот на вработувања во Агенцијата за одземен имот и дека работните места ќе бидат пополнети.

