ВАРДАР 1961 ДОМИНАНТЕН ВО ЗАГРЕБ – Триумф и пласман во плејофот

Четвртата победа во пет натпревари ја потврдува доминацијата на македонскиот тим во групата.

ВАРДАР 1961 ДОМИНАНТЕН ВО ЗАГРЕБ – Триумф и пласман во плејофот
Фото: Фејсбук

Ракометарите на Вардар 1961 вечерва забележаа убедлив триумф на гостувањето кај хрватскиот Сесвете, победувајќи со 38-24 и веќе обезбедија пласман во плејофот, едно коло пред крајот на групната фаза во Европската лига на ЕХФ.

Црвено-црните“ до четвртата победа во петтото коло од групата Ф стигнаа со доминантна игра, наметнувајќи го својот квалитет уште од првиот свиреж. Веќе на полувреме резултатот беше убедлив 23-12, предност која Вардар рутински ја задржа до самиот крај во Загреб.

Најефикасни во македонскиот тим беа Урош Митровиќ со седум погодоци и Виктор Јанковски со шест, додека голманот Милош Валах блесна со 11 интервенции.

Со оваа победа, Вардар останува лидер во групата и сигурно се пласира меѓу првите две места кои водат во Топ 16. Во последното коло, на 2 декември во Скопје, вардарци ќе го пречекаат францускиот Тулуз.

CATEGORIES
Share This