БРАН РЕСПИРАТОРНИ ИНФЕКЦИИ МЕЃУ ДЕЦАТА – Козле дневно прегледува и по стотина малечки пациенти
Најчести симптоми се покачена температура и отежнато дишење, особено кај претшколските и школските деца.

Во Детската болница Козле се забележува зголемен број на деца со респираторни инфекции. Дневно се вршат и по стотина прегледи, при што најчести симптоми се покачена температура и отежнато дишење. Најмногу на удар се претшколските и школските деца.
„Имаме и зголемен број на хоспитализации. Кај пациентите со потреба прво ординираме антибиотска терапија за дома, доколку се работи за бактериска инфекција, а оние со потешки симптоми и потреба од кислород се хоспитализираат. Во моментот, во нашата болница се хоспитализирани околу 60 пациенти“, велат од болницата.
Лекарите истакнуваат дека загадениот воздух дополнително ги оптеретува дишните патишта кај децата, а есента е особено проблематична за децата со астма и алергии, кај кои може да се појават компликации.
Д-р Љуљета Мустафа Рамадани од Детската болница Козле порачува:
„Сега веќе и алергиите и астмите се активни. Есента е карактеристична за овие пациенти, затоа оние со астма треба редовно да ја примаат својата терапија за да се избегне влошување на состојбата.“
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во последната недела се регистрирани 117 случаи на грип и слични заболувања. Најмногу заболени има во Гостивар, Куманово и Тетово.

