(ВИДЕО) РЕАЛ ПОБЕДИ ВО ДЕРБИТО По натпреварот жестока расправија на граница на масовна тепачка
Натпреварот понуди две различни полувремиња - блескаво прво и поспокојно второ. Но, дуелот не можеше да мине без инциденти и вистински хаос се случи во завршницата

Реал Мадрид ја совлада Барселона со 2:1 во 191-то издание на славното „Ел Класико“, одиграно вечерва на „Сантијаго Бернабеу“. Со оваа победа, „кралскиот клуб“ ја зголеми предноста на табелата и сега има пет бода повеќе од вечниот ривал.
Натпреварот понуди две различни полувремиња – блескаво прво и поспокојно второ. Реал започна силно, а уште во втората минута судијата досуди пенал за домашните поради контакт меѓу Ламин Јамал и Винисиус, но по прегледот на ВАР, одлуката беше поништена.
Само неколку минути подоцна, Мбапе ја затресе мрежата со ефектен погодок, но голот не беше признат поради минимален офсајд. Французинот сепак се запиша во листата на стрелците во 21-та минута, по прецизното додавање на Белингем – негов 12-ти погодок сезонава и шести во „Ел Класико“.
Барселона успеа да израмни во 38-та минута, кога Фермин Лопес ја искористи грешката на Арда Гулер. Сепак, Реал веднаш одговори – Белингем во 44-та минута донесе ново водство за 2:1, резултат со кој заврши првото полувреме.
Во вториот дел, Шчесни го потврди статусот на најдобар играч на Барселона – во 52-та минута му одбрани пенал на Мбапе. Веднаш потоа, Фермин Лопес имаше голема можност, но не успеа да погоди.
До крајот натпреварот, Барселона имаше повеќе посед, но без конкретни шанси. Кунде ја промаши најдобрата можност во 90-та минута, а во 98-та Шчесни повторно блесна со одбрана на слободен удар на Родриго. Пред последниот свиреж, Педри заработи втор жолт картон и беше исклучен.
Реал со оваа победа го потврди приматот во Шпанија и со стил го доби најголемото фудбалско дерби.
Но, дуелот не можеше да мине без инциденти и вистински хаос се случи во завршницата. Во 100-тата минута, по исклучувањето на Педри поради втор жолт картон, настана мешаница покрај теренот.
Камерите ги „уловија“ Винисиус и Андриј Лунин како приоѓаат кон клупата на Барселона, каде што настана вербален судир. Стручните штабови од двете страни веднаш интервенираа за да ги разделат, но ситуацијата брзо се прошири и се вмешаа и други играчи, а на крајот мораше да реагира и полицијата.
По околу една минута, главниот судија Цезар Сото Градо свирна крај на натпреварот, но тоа не го смири целосно тензијата. Следуваше ново туркање меѓу фудбалерите, кое, за среќа, не премина во физичка пресметка.
Камерите забележаа и момент на конфронтација меѓу Дани Кавахал и Тибо Куртоа со младиот Ламин Јамал, кој дури му гестикулираше на голманот на Реал да го почека во тунелот – сцена што дополнително ја разгоре атмосферата по бурното „Ел Класико“.


