АНДЖЕЈ ЈАГОЃИНСКИ ЌЕ ГО ОТВОРИ 44. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ – Четири вечери со врвни светски и домашни џез уметници

Според најавата на програмскиот директор Оливер Белопета, првата фестивалска вечер ќе ја продолжи Националниот џез оркестар, со гостувања на австрискиот диригент и аранжер Зиги Фајгл и американскиот тромбонист Луис Бониља.

АНДЖЕЈ ЈАГОЃИНСКИ ЌЕ ГО ОТВОРИ 44. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ – Четири вечери со врвни светски и домашни џез уметници

Еден од најдобрите полски пијанисти, Анджеј Јагоѓински, на 16 октомври во Националната опера и балет ќе го отвори 44. Скопски џез фестивал (СЏФ). Јагоѓински, кој првпат настапува во Скопје, ќе се претстави со своето трио, изведувајќи џез интерпретации на Бах и Шопен.

Втората вечер, 17 октомври, ќе биде во знакот на американскиот гитарист Марк Рибо и Кахил Ел Забар, еден од најиновативните артисти на чикашката импровизаторска сцена. Во сабота, 18 октомври, ќе настапат скандинавските џез музичари – квартетот After the wildfire со Арве Хенриксен, Јан Банг, Ејвинд Арсет и Ингар Зак, а потоа и Горан Кајфеш со квартетот Tropiques, кои ќе ѝ понудат на публиката „хипно-џез“ искуство.

Фестивалот ќе заврши на 19 октомври, со настап на легендарниот трубач и композитор Вадада Лео Смит заедно со пијанистката Силви Курвоазје, по кои ќе свири и квартетот на тенор-саксофонистот Џејмс Брендон Луис.

Во рамките на фестивалот, во киното „Фросина“ ќе се одржат и две европски филмски премиери – документарците „We want the funk!“ (15 октомври) и „SUN RA: Do the impossible“ (18 октомври), посветени на корените на фанк музиката и на легендарниот џез визионер Сан Ра.

– „Фестивалот и годинава останува верен на современиот џез и актуелните автори со нови изданија кои оставија белег на сцената. Нашата цел е СЏФ да ја зачува репутацијата и култниот статус во Европа и светот“, истакна Белопета.

Постерот за овогодинешното издание е дело на уметникот Ѓорѓе Јовановиќ.

CATEGORIES
Share This