НИКОЈ НЕМА ДА НЕ ПОРОБИ – Мадуро им возврати на заканите од Трамп
Во меѓувреме, САД распоредија повеќе од 4.000 маринци во водите околу Латинска Америка и Карибите, во рамки на акцијата против нарко-картелите, кои Вашингтон ги третира како странски терористички организации.

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, жестоко ги осуди заканите од Соединетите Американски Држави и порача дека неговата земја ќе премине во „фаза на вооружена борба“ доколку биде нападната.
„Сè уште сме во политичка, комуникациска и институционална борба. Но, ако ја нападнат Венецуела, ќе започне вооружена, организирана борба на целиот народ против агресијата – без разлика дали таа е локална, регионална или национална“, изјави Мадуро, пренесува агенцијата Ефе.
Тој додаде дека државата е во состојба на постојана подготвеност и се работи на обука и преквалификација на населението за целосна одбрана.
„Венецуелците се и мирољубиви и борбени – и никој нема да дојде да нè пороби, ниту денес, ниту кога било“, истакна претседателот.
Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Венецуела дека нејзините авиони ќе бидат соборени доколку ја загрозат американската војска. Пентагон претходно потврди дека два венецуелски Ф-16 летале над американски разорувач во Карибите.
Во меѓувреме, САД распоредија повеќе од 4.000 маринци во водите околу Латинска Америка и Карибите, во рамки на акцијата против нарко-картелите, кои Вашингтон ги третира како странски терористички организации.

