108 ДОЛАРИ ЗА БАРЕЛ – Почеток на нова енергетска криза
Хормускиот теснец повторно во фокусот на глобалната енергетска криза.

Цените на нафтата денес надмина 108 долари за барел, додека трговците со зголемена внимателност ги следат најавите за нова рунда преговори меѓу САД и Иран, кои би можеле да влијаат на снабдувањето со енергенси преку Ормускиот теснец.
На лондонскиот пазар, барелот се тргуваше по цена од 108,50 долари, што претставува раст од 3,17 долари во однос на затворањето на крајот од минатата недела. Во САД, цената се зголеми за 2,28 долари и достигна 96,68 долари.
Пазарите реагираат на неизвесноста околу можните дипломатски контакти меѓу Вашингтон и Техеран. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, во петокот отпатува во Исламабад, каде разговараше со пакистански претставници за регионалната ситуација.
Во меѓувреме, САД најавија дека ќе испратат делегација во пакистанската престолнина, но таа посета била откажана откако Иран соопштил дека не е планирана средба со американски преговарачи.
Аракчи потоа продолжил во Мускат, а денес пристигнал и во Москва, што дополнително ги засилува дипломатските активности околу кризата.
Според извори цитирани од „Ројтерс“, Иран наводно предложил повеќефазен пристап во преговорите, кој би започнал со намалување на тензиите и гаранции за безбедност, а подоцна би се разгледувале прашањата поврзани со санкциите и ограничувањата за иранската нафта и Ормускиот теснец.
Аналитичарите посочуваат дека застојот во разговорите и стравувањата за намалена понуда придонесуваат за раст на цените. Според проценките на ING, глобалниот пазар во моментов се соочува со значително намалена понуда, што дополнително го засилува притисокот врз цените на нафтата.
