ВАР ХАОС ВО СЕРИЈА А – Излегоа докази против Роки, се спомнува и Интер
Истражители во Милано отворија случај за наводно влијание врз ВАР-одлуки и судиски назначувања.

Првиот судија во Серија А, Џанлука Роки, се најде во центарот на голем скандал во кој, според наводите, е вмешан и Интер. Италијанската новинска агенција АИА објави дека Роки е под истрага на обвинителството во Милано за „наводно соучество во спортски измами“, поврзано со мешање во ВАР-одлуки и наводно фаворизирање на одредени клубови, меѓу кои и Интер.
Како одговорно лице за судиите во Серија А и Серија Б, тој е осомничен дека влијаел врз одлуки во ВАР-собата и дека се мешал во судиските процеси. Обвинителството, според медиумите, поседува видео и аудио материјали што се поврзуваат со случајот, а особено под лупа е натпреварот Удинезе –-Парма од 1 март 2025 година. Исто така, се тврди дека Роки влијаел и врз изборот на судии во корист на Интер во клучни натпревари.
Според АГИ, еден од спорните случаи е назначувањето на судијата Андреа Коломбо за натпреварот Болоња – Интер на 20 април 2025 година, кој наводно бил „погоден“ за стилот на игра на миланскиот клуб во борбата за титулата.
Дополнително, се наведува дека Роки влијаел и врз назначувањето на судија за полуфиналето на Купот на Италија меѓу Милан и Интер, со цел индиректно да се создадат поволни услови за Интер во евентуалното финале.
Интер, во реакција за „Газета дело Спорт“, изјави дека клубот е „целосно смирен“, но и „згрозен“ од наводите.
Во случајот Удинезе – Парма, се тврди дека Роки вршел притисок врз ВАР-собата да се донесе одлука за пенал, при што наводно физички реагирал за да го привлече вниманието на судиите во ВАР просторијата. Тоа, според правилата, би претставувало нарушување на нивната независност.
Поранешниот помошен судија Доменико Рока претходно поднел извештаи за однесувањето на Роки, но тие не биле прифатени, додека сега истрагата е фокусирана токму на неколку спорни натпревари.
Под истрага, според „Газета дело Спорт“, се следните дуели: Интер – Верона (6 јануари 2024), Удинезе – Парма (1 март 2025), Салернитана – Модена (8 март 2025), Болоња – Интер (20 април 2025) и Интер – Милан (23 април 2025)
Џанлука Роки, од своја страна, ги отфрла обвинувањата и вели дека е „смирен и решителен“ во намерата да ја докаже својата невиност.
Како последица на целата ситуација, воведени се нови правила според кои Роки и неговите соработници повеќе немаат директен пристап до ВАР-собата.
