25 ГОДИНИ НА КОНЦЕРТНИТЕ СЦЕНИ Огненка Герасимовска-Димитровска со јубилеен концерт во Скопје

Настапувала во Лондон, Виена, Рим и други европски музички центри, соработувала со Македонската филхармонија и освоила бројни меѓународни награди – сега со посебен концерт одбележува 25 години уметничка кариера.

25 ГОДИНИ НА КОНЦЕРТНИТЕ СЦЕНИ Огненка Герасимовска-Димитровска со јубилеен концерт во Скопје
Фото: Принтскирн

Јубилејниот концерт ќе се одржи на 24 ноември 2026 година, со почеток во 20 часот, во Музејот на ВМРО во Скопје. Настанот е посветен на четврт век уметнички пат исполнет со солистички и камерни настапи, меѓународни соработки и посветеност на македонското музичко творештво.

Јубилејот претставува можност за средба со публиката и споделување на музиката што ја одбележува нејзината изведувачка кариера. Како гостинка, во изведба на четирирачно пијано, ќе настапи и пијанистката Викторија Митеска-Малезан.

Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Огненка Герасимовска-Димитровска е македонска концертна пијанистка, педагог и истражувачка во областа на музичката интерпретација. Дипломските и магистерските студии по пијано ги завршила на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Борис Романов, со највисок просек и признание cum laude. Докторирала во областа на музичките уметности под менторство на проф. д-р Томе Манчев и професорот Волфганг Манц од Нирнберг.

Нејзината концертна дејност опфаќа бројни настапи во земјата и во странство, меѓу кои во Лондон, Рим, Виена, Истанбул, Леон, Хаг, Утрехт, Нирнберг и Белград. Настапувала на реномирани домашни фестивали, како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Интерфест Битола“, „Есенски музички свечености“ и „Денови на македонската музика“.

Како солистка соработувала со Македонската филхармонија и Истанбулскиот камерен оркестар, додека камерната музика зазема значајно место во нејзиниот репертоар и уметничките соработки.

Герасимовска-Димитровска е добитничка на повеќе домашни и меѓународни награди. Меѓу позначајните се првата награда на натпреварот „Николај Рубинштајн“ во Париз, лауреатското признание на натпреварот на ЕПТА во Осиек и третата награда на натпреварот „Карл Дрексл“ во Нирнберг. Прогласена е и за најдобар дипломиран студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Покрај концертната кариера, таа активно се занимава со педагошка и научноистражувачка работа. По долгогодишниот ангажман во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и на Факултетот за музичка уметност во Скопје, денес работи како доцент на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Авторка е на монографијата „Академик Властимир Николовски и неговиот концерт за пијано и оркестар“, како и на научни трудови посветени на музичката интерпретација, педагогијата и македонското музичко наследство. Јубилејниот концерт на 24 ноември ќе биде одбележување на 25 години посветеност на пијаното, музичката уметност и концертната сцена.

CATEGORIES
Share This