МЛАД МАКЕДОНСКИ ИСТРАЖУВАЧ ОТКРИВА – Како берзите можат да ја сменат монетарната игра

Млад истражувач доби престижна награда за труд од областа на макроекономијата и банкарството.

МЛАД МАКЕДОНСКИ ИСТРАЖУВАЧ ОТКРИВА – Како берзите можат да ја сменат монетарната игра
Фото: Принтскрин

По повод Денот на монетарната самостојност, Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2026 година за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарските системи.

Првата награда ја доби Стефан Таневски за трудот „Дали може институционалната интеграција на берзите од Западен Балкан да ја зајакне монетарната трансмисија?“. Истражувањето се фокусира на каналот на цените на средствата како механизам за пренос на ефектите од монетарната политика во економијата. Во трудот се истакнува дека интеграцијата на берзите во Западен Балкан може да ја подобри монетарната трансмисија преку побрза и поефикасна реакција на цените на акциите на промените во каматните стапки и монетарните сигнали, нагласувајќи ја врската меѓу структурата на финансискиот систем и ефикасноста на монетарната политика.

По повод наградата се одржа средба во Народната банка меѓу добитникот и гувернерот д-р Трајко Славески, директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика Султанија Бојчева-Терзијан, како и членовите на Одборот за оценување и вицегувернерите Ана Митреска и Игор Величковски.

На средбата беа разменети мислења за значењето на трудот и улогата на истражувањата во креирањето политики базирани на докази. Посебно беше нагласена континуираната поддршка што Народната банка им ја дава на младите истражувачи во изминатите две децении, со цел развој на научната работа во областа на макроекономијата и банкарството.

Наградениот труд ќе биде презентиран на една од наредните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, кој служи како платформа за размена на идеи и поврзување на експерти од областа.

Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 34 години од монетарната самостојност и формирањето на Народната банка, како и 80 години од почетокот на централнобанкарското работење во земјата.

CATEGORIES
Share This