ЖИВОТ ПОД БУЧАВА Капиштец на нозе, жителите повеќе не издржуваат
Бучавата трае повеќе од 10 години, велат револтираните граѓани.

Жителите на населбата Капиштец излегоа на протест поради, како што велат, долготрајниот проблем со гласната музика што доаѓа од барот „Интермецо“, лоциран меѓу густо населените станбени блокови и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.
„Се собравме како соседи поради загриженоста и вознемирувањето што го трпиме повеќе од десет години. Од мирна и една од најурбаните населби, Капиштец се претвори во модерна џунгла“, изјави жителот Горан Гацовски.
На собирот присуствуваше и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, кој истакна дека проблемот се таложел со години и дека се потребни системски мерки за негово решавање. Тој потсети дека претходно била покрената и петиција потпишана од жителите, која била доставена до надлежните институции.
„Да, јас бев иницијатор на петиција што беше потпишана заедно со жителите и доставена до сите надлежни институции, со цел општината да може да преземе мерки и конечно да се реши овој долгогодишен проблем со ноќната бучава од дел од локалите“, изјави Герасимовски.
Жителите најавуваат дека ќе продолжат со притисок и активности додека не се најде трајно решение за, како што велат, нарушувањето на ноќниот мир во Капиштец.


