ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО МАКА Трошоците растат, а цените на производите паѓаат
Трошоците за производство во јули пораснале за 4,4%, додека цените на земјоделските производи се намалиле за 5,5%.

Трошоците за производство на земјоделски производи во јули 2026 година се зголемиле за 4,4 проценти во однос на истиот месец минатата година, додека цените на земјоделското производство бележат пад од 5,5 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Кај средствата што тековно се користат во земјоделското производство, односно инпутот, цените во јули биле повисоки за 3,7 проценти на годишно ниво.
Најголем раст е забележан кај ветеринарните услуги, кои поскапеле за 10,8 проценти. Цените на енергијата, горивата и мазивата се зголемиле за 7,9 проценти, додека средствата за заштита на растенијата поскапеле за 3,9 проценти. Семињата се поскапи за 3,4 проценти, минералните ѓубрива за 2,2 проценти, а добиточната храна за 1,9 проценти.
Дополнително, значително зголемување има и кај средствата наменети за инвестиции во земјоделството, каде цените пораснале за 8,9 проценти. Транспортната опрема поскапела за 17,3 проценти, а машините и опремата за 13,7 проценти. Кај цените на земјоделските објекти е регистрирано минимално намалување од 0,3 проценти.
Од друга страна, цените на земјоделското производство се движеле во спротивна насока. Растителното производство поевтинело за 6,8 проценти, додека кај добиточното производство е регистриран пад од 0,2 проценти.
Најголем пад има кај овошјето и грозјето, со намалување на цените од 13,2 проценти. Зеленчукот поевтинел за 11,4 проценти, а цените на добиточните растенија се намалиле за 3,7 проценти. За 5,7 проценти се намалиле и цените на производите од животинско потекло.
Сепак, кај одредени земјоделски производи е забележан раст. Цените на индустриските растенија се зголемиле за 19 проценти, виното поскапело за 4,3 проценти, а компирот за 2,1 проценти. Цената на добитокот за колење пораснала за 9,5 проценти.
Кај пченицата и оризот, пак, во јули годинава не е регистрирана промена на цените во споредба со јули 2025 година.
Податоците покажуваат дека земјоделците се соочуваат со повисоки трошоци за производство, додека кај значаен дел од земјоделските производи продажните цени истовремено се намалуваат.

