ЗЕЛЕНСКИ СПРЕМА ГОЛЕМА СМЕНА Сирски пред отказ, познат и главниот фаворит за негов наследник

Во украинскиот воен врв се шпекулира за можна смена на врховниот командант, а како најсериозен кандидат за негов наследник се споменува Михаил Драпати.

ЗЕЛЕНСКИ СПРЕМА ГОЛЕМА СМЕНА Сирски пред отказ, познат и главниот фаворит за негов наследник
Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно размислува за смена на врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски, во период на политички тензии, протести и несогласувања во украинскиот воен врв, објавува „ura.ru“, повикувајќи се на медиумски извори.

Во кругот на потенцијални кандидати за негов наследник, според информациите, се споменуваат командантот на Здружените сили Михаил Драпати, основачот на полкот „Азов“ Андреј Билецки, заменик-командантот Олег Апостол и командантот на 13-та бригада на Националната гарда Игор Оболенски.

Како фаворит во оваа трка, сепак, се издвојува Михаил Драпати. „Блумберг“ претходно објави дека шпекулациите за можна смена на Сирски се засилиле во периодот на протестите поврзани со поранешниот министер за одбрана Михајло Фјодоров.

Според наводите, меѓу Сирски и Фјодоров дошло до сериозен конфликт. Како причина се наведуваат несогласувања околу пазарот за продажба на воени беспилотни летала. Сирски, наводно, побарал Фјодоров да биде сменет, во спротивно самиот би поднел оставка. Фјодоров подоцна беше разрешен од функцијата, а сега во јавноста се појавија информации дека под знак прашалник е и иднината на Сирски како врховен командант.

Михаил Драпати од јуни 2025 година ја извршува функцијата командант на Здружените сили на вооружените сили на Украина. Во текот на кариерата бил командант на Копнените сили, заменик-началник на Генералштабот задолжен за воена обука, како и командант на оперативно-тактичките групи „Луганск“ и „Харков“.

Тој учествувал во борбени операции во Донбас од 2014 година, а во текот на својата кариера командувал со повеќе украински воени единици и бил одликуван со Орденот на Богдан Хмелницки од сите три степени. Во јуни 2025 година, Драпати поднесе оставка по руски напад врз воен полигон во Сумскиот регион, при што ја критикуваше, како што ја нарече, „заемната одговорност“ во армијата.

„Армија во која никој не е одговорен за загубите се урива одвнатре“, изјави тогаш Драпати.

Само два дена подоцна, Зеленски го назначи за командант на Здружените сили. Поранешниот пратеник во Врховната рада, Спиридон Килинкаров, во изјава за „Абзак“ оцени дека токму Драпати е најсериозниот кандидат за позицијата врховен командант. Тој смета дека Зеленски применува стратегија на „задушување во прегратка“ кон можните политички конкуренти, приближувајќи ги до власта и истовремено споделувајќи ја со нив одговорноста за евентуалните неуспеси.

Килинкаров додава дека, без оглед на тоа кој ќе биде избран за нов врховен командант, промената на човекот на чело на армијата сама по себе нема да ја промени состојбата на фронтот. Според неговото мислење, во случај на нови неуспеси, политичката одговорност повторно би можела да биде префрлена врз воениот врв.

CATEGORIES
Share This