ДАЛИ ВЕНС ЌЕ ГО НАСЛЕДИ ТРАМП Потпретседателот откри што мисли за кандидатурата во 2028 година
Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс сè уште не одлучил дали ќе се кандидира за претседател на САД во 2028 година, но верува дека Доналд Трамп би ја поддржал неговата кандидатура.

Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, изјави дека засега нема донесено одлука дали ќе влезе во трката за Белата куќа на претседателските избори во 2028 година. Сепак, тој смета дека актуелниот претседател Доналд Трамп би застанал зад него доколку реши да се кандидира.
„Навистина не сум одлучил што ќе правам во 2028 година. Дури и не сум размислувал за тоа. Мислам дека претседателот би ме поддржал доколку се кандидирам“, изјави Венс за ABC News.
Тој нагласи дека досега не разговарал со Трамп за евентуална претседателска кандидатура, додавајќи дека американскиот претседател понекогаш остава внатрепартиската трка да се одвива без однапред да се определи за конкретен кандидат.
Изјавата на Венс доаѓа во време кога вниманието во американската политичка јавност постепено се насочува кон можните кандидати за претседателските избори во 2028 година. Иако засега не најавува кандидатура, неговата процена за поддршката од Трамп отвора прашања за идните односи во Републиканската партија.

