ЗАПАДНО-НИЛСКАТА ТРЕСКА ЗЕМА СЕДУМ ЖРТВИ Мажите речиси четирипати почесто заболуваат
Сите седум смртни случаи се регистрирани кај мажи од Скопје на возраст од 62 до 83 години.

Црниот биланс од западно-нилската треска во Македонија се зголеми на седум починати лица, информираат здравствените власти. Загрижувачки е податокот што сите досега регистрирани смртни случаи се мажи од Скопје, на возраст од 62 до 83 години.
И податоците за заболувањата покажуваат значителна разлика меѓу половите. Според официјалните статистики, на еден заболен од женски пол се регистрирани околу 3,7 заболени мажи.
Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека поголемата застапеност на заболувањето кај мажите не е специфична само за Македонија, туку е појава потврдена и во меѓународни научни истражувања.
„Најголемата студија е направена во Америка на над 3.000 случаи. Во таа студија е сосема јасно дека и стапката на заболување со тешка, невроинвазивна форма, но и смртноста е значително поголема кај машкиот пол“, посочи Клековски.
Здравствените експерти апелираат граѓаните да бидат особено внимателни и да преземаат мерки за заштита од убоди од комарци. Посебна претпазливост се препорачува кај повозрасните лица и кај луѓето со хронични заболувања, кои се меѓу групите со поголем ризик од развој на тешка форма на инфекцијата.

