31 ПОЖАР ЗА ЕДНО УТРО Активен останува огнот кај Грачани
Пожарот се префрли на територијата на Косово, каде што гори густа шума.

Фото: Национал
Пожарот во Општина Ѓорче Петров, во атарот на селото Грачани, останува единствениот активен пожар на отворен простор во државата утринава, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според последните информации од терен, пожарот се проширил на територијата на Република Косово, каде што е зафатена густа шума.
До 07:30 часот утринава, ЦУК регистрирал вкупно 31 пожар на отворено. Од нив, еден останува активен, три се ставени под контрола, додека 27 се целосно изгаснати.
Пожарите кои се под контрола се наоѓаат на три локации:
- Општина Сарај – кај селото Копаница, каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација;
- Општина Чучер-Сандево – кај селото Брест, на месноста Рамно на Скопска Црна Гора, каде што е зафатена мешана шума;
- Општина Струга – меѓу селата Буринец и Локов, каде што гори нискостеблеста шума.
Противпожарните екипи остануваат на терен и работат на целосно гаснење на пожарите и преостанатите жаришта, како и на спречување на нивно повторно активирање.
CATEGORIES Македонија

