ФИЛИПЧЕ: ГЛИГОРОВ ЈА СПАСИ МАКЕДОНИЈА ОД ВОЈНА Мирот често изгледа лесен дури откако некој мудар ќе го обезбеди
На свеченоста по повод 35 години независност, СДСМ го претстави документарниот филм „Глигоров од Македонија“.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, има историска заслуга за тоа што земјата ја стекна независноста по мирен пат, без војна, човечки жртви и разурнувања.
Филипче ова го истакна на свечениот настан по повод 35 години од независноста, организиран од СДСМ под мотото „Македонија е сè што имаме“. Според него, улогата на Глигоров во процесот на осамостојувањето сè уште не е доволно вреднувана во земјата, иако неговата државничка визија одамна е препознаена и надвор од Македонија.
Во рамки на свеченоста беше прикажан документарниот филм „Глигоров од Македонија“, авторско дело на Никола Т. Калајџиски и Аристид Филактов, посветено на животот и политичкото наследство на првиот македонски претседател.
Филипче го опиша Глигоров како дел од генерацијата државотворци кои ги поставиле темелите на современата македонска државност, а подоцна ја предводеле земјата низ процесот на осамостојување.
„Во една личност се споија две македонски епохи и генерацијата што ја создаваше македонската државност во рамките на федерацијата и генерацијата што ја воведе Македонија во светот како самостојна држава“, рече Филипче.
Како најзначајна заслуга на Глигоров, тој го посочи зачувувањето на Македонија од воениот конфликт што го зафати регионот по распадот на Југославија.
„Мирот често изгледа лесно остварлив само откако некој мудар ќе го обезбеди“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека државничката храброст понекогаш значи да се спречи трагедија, наместо да се поттикне конфликт.
Според лидерот на СДСМ, мирното осамостојување претставува една од најзначајните победи во современата македонска историја, бидејќи им овозможило на граѓаните да продолжат со нормалниот живот, без последиците од воените разурнувања.
Филипче оцени дека суштината на политиката на Глигоров била зачувувањето на државата преку заштита на човечкиот живот.
Тој се осврна и на процесот на меѓународното признавање на Македонија и приемот во Обединетите нации, оценувајќи дека Глигоров бил способен да носи тешки, но одговорни државнички одлуки во интерес на земјата.
„Историјата сè појасно му ги признава заслугите на Киро Глигоров. Неговите дела зборуваат сами за себе и остануваат трајно сведоштво за неговата визија и одговорност кон Македонија“, порача Филипче.

