ЗА ЕДНА ГОДИНА ПОДНЕСЕНИ 1.883 БАРАЊА ЗА БПО 237 се за четврти, шетти и шести обид
Фондот го зголеми бројот на обиди на товар на државата од три на шест, а дополнително ја поедностави и постапката за остварување на правото.

За семејствата кои со години се обидуваат да добијат потомство, секој нов обид за биомедицински потпомогнато оплодување (БПО) носи нова надеж. Токму со цел да се зголеми достапноста на оваа здравствена услуга, пред една година бројот на БПО обиди на товар на Фондот за здравствено осигурување беше зголемен од три на најмногу шест.
Податоците за изминатата година покажуваат дека законската промена активно се користи од осигурениците.
Во периодот од 7 август 2025 до 20 август 2026 година биле поднесени и разгледани вкупно 1.883 барања за БПО, од кои 237 се однесувале на четврти, петти или шести обид – можности кои претходно не биле покриени од Фондот.
Од вкупниот број дополнителни обиди, 216 барања биле за четврти обид, 17 за петти, а 4 за шести обид.
Тоа значи дека околу 12,6 отсто од сите разгледани барања во овој период се однесувале на дополнителните обиди овозможени со законските измени.
Од Фондот посочуваат дека зад секоја бројка стои семејство кое добило можност да продолжи со постапката и покрај претходните неуспешни обиди.
Реформите во БПО, според Фондот, не се однесуваат само на зголемувањето на бројот на обиди. Постапката е дополнително поедноставена со воведување електронска достава на известувањето за одобрено право на БПО.
Дополнително, рокот за поднесување приговор е продолжен од 8 на 15 дена, а осигурениците здравствените услуги за БПО ги остваруваат врз основа на известување од Фондот, без потреба од дополнителен упат од избран гинеколог од примарната здравствена заштита.
Од Фондот информираат и дека за БПО постапките реализирани во осум здравствени установи со кои имаат склучено договори, во текот на 2025 година биле исплатени повеќе од 97,3 милиони денари.
Оттаму оценуваат дека проширувањето на пристапот до БПО има пошироко значење, особено во услови на намален наталитет и стареење на населението.
Според Фондот, здравствениот систем не може сам да ги промени демографските текови, но може да обезбеди поголема поддршка за семејствата кои сакаат да станат родители и финансиската пречка да не биде причина за откажување.
Зголемувањето од три на шест обиди, како што велат од Фондот, не е само промена на законска одредба, туку можност за семејствата да добијат уште една шанса за потомство.

