ВУЧИЌ И СТУДЕНТИТЕ ВО ЖЕСТОК СУДИР Двајца кандидати за претседател, расправии уште на конститутивната седница
Новото свикување на српскиот парламент е конституирано, потврдени се мандатите на сите 250 пратеници, но изборот на претседател отвори жестока политичка пресметка меѓу двете најголеми пратенички групи.

Новото свикување на Народното собрание на Србија е конституирано откако на денешната конститутивна седница беа потврдени мандатите на сите 250 пратеници, кои потоа положија свечена заклетва. Седницата, на која присуствуваа 244 пратеници на самиот почеток, ја водеше најстариот пратеник Стојан Раденовиќ, кој го закажа продолжението за утре во 10 часот.
Најголемо внимание предизвика изборот на нов претседател на парламентот, за кој се предложени двајца кандидати, универзитетскиот професор Александар Чупиќ, кандидат на Студентската листа, и досегашниот претседавач Стојан Раденовиќ, кого го предложи листата „Александар Вучиќ – Србија победува“.
Пратеничката група на Студентската листа, која освои 140 мандати, го предложи професорот Александар Чупиќ за претседател на Народното собрание. Образложувајќи ја кандидатурата, пратеникот Југослав Гашиќ рече дека авторитетот на Чупиќ се темели на морален интегритет, научна чесност и достоинство.
Според него, Чупиќ ги обединува вредностите на традиционалниот домаќин и на научникот и професорот, а неговиот избор би значел враќање на уставноста, академското достоинство и правдата во институциите.
Од друга страна, пратеничката група „Александар Вучиќ – Србија победува“, која има 103 пратеници, го предложи Стојан Раденовиќ. Заменик-шефот на пратеничката група Миленко Јованов потврди дека ќе го поддржат Раденовиќ, притоа критикувајќи ја кандидатурата на Чупиќ.
„Можеби има препораки за директор на пошта, но не и за претседател на парламентот“, рече Јованов.
Конститутивната седница не помина без тензии. Пратениците на Студентската листа реагираа на обраќањето на Александар Вучиќ, обвинувајќи го дека зборувал за теми кои не биле поврзани со точката на дневниот ред. Пратеникот Петар Митов побара претседавачот Раденовиќ да го предупреди Вучиќ за прекршување на Деловникот, а доколку тоа не се случи, да се гласа за повреда на парламентарните правила.
Митов наведе дека Вучиќ, наместо да ја образложи кандидатурата на Раденовиќ, зборувал за политички инциденти, РТС, изборни резултати, опозициски претставници и други теми. Вучиќ ги отфрли забелешките и оцени дека единствениот ентузијазам кај пратениците на Студентската листа бил предизвикан од предлогот да му се одземе зборот.
Дополнителна полемика предизвика и инцидентот пред зградата на Народното собрание, поврзан со пратеничката Лидија Вукиќевиќ. Раденовиќ и Александар Вучиќ ги повикаа пратениците на Студентската листа да ѝ се извинат на нивната колешка за настанот.
Од Студентската листа, пак, пратеникот Жељко Хубач порача дека насилството не е вредност што ја застапува нивната политичка група и дека се против секој облик на насилство. Шефот на пратеничката група Јово Бакиќ повторно го критикуваше Раденовиќ, оценувајќи дека не реагирал соодветно на говорот на Вучиќ.
Во новото свикување се формирани две главни пратенички групи: Студентска листа во сосстав од 140 пратеници, шеф на групата Јово Бакиќ, заменик Александра Штимац и „Александар Вучиќ – Србија победува“ која брои 103 пратеници, шеф на групата Александар Вучиќ, заменик Миленко Јованов.
Во парламентот има и седум пратеници од малцинските листи. Претставникот на Сојузот на војводинските Унгарци, Балинт Пастор, побара на следната седница да се разгледа предлогот за измена на Деловникот, со кој би им се овозможило на малцинските листи да формираат пратеничка група со најмалку тројца пратеници.
По потврдувањето на мандатите и полагањето на заклетвата, пратениците расправаа за кандидатите за претседател на парламентот, а во продолжението се предвидени и избор на потпретседатели, именување генерален секретар, избор на членови на собраниските работни тела и постојаните парламентарни делегации во меѓународните институции.
Работата на седницата е прекината, а продолжението е закажано за утре во 10 часот, кога се очекува да продолжи постапката за избор на новото раководство на српскиот парламент.

