ПОЧНА ОТКУПОТ НА ТУТУНОТ 435 денари прва класа, најавено и зголемување на субвенциите
Тутунарите годинава ќе добиваат 435 денари за килограм тутун од прва класа, 370 денари за втора и 305 денари за трета класа.

Започна откупот на годинешната реколта на тутун, при што откупната цена за првата класа изнесува 435 денари за килограм. Покрај откупните цени, се најавува и предлог за зголемување на субвенцијата од 80 на 90 денари за килограм тутун.
За таа цел, ќе се разговара со Сојузот на тутунари и останатите производители, по што ќе бидат предложени измени во програмата за финансиска поддршка. Предлогот предвидува укинување на основната мерка и зелената нафта, а средствата да се насочат кон дополнителни 10 денари субвенција за килограм предаден тутун.
Површините под тутун годинава се зголемени во однос на минатата година и изнесуваат околу 15.100 хектари. Очекувањата се реколтата да достигне од 26 до 30 милиони килограми, кои ќе се откупуваат согласно претходно склучените договори.
Откупните цени според класификацијата се прва класа: 435 денари за килограм, втора класа: 370 денари за килограм и трета класа: 305 денари за килограм.
Државниот инспекторат за земјоделство е на терен од првиот ден на откупот. Во наредните денови контролите ќе ги опфатат сите 317 откупни пунктови на десетте регистрирани откупувачи во земјава.

