ВУЧИЌ ГО ЧЕКАШЕ, ФИЦО НЕ ДОЈДЕ Што се случи со „специјалниот гостин“ на митингот
СНС се повика на последиците од атентатот, словачката Влада зборува за вирусна инфекција, а Фицо во меѓувреме имаше јавни настапи.

Иако Александар Вучиќ, прв на изборната листа на Единствена Србија, помпезно го најави словачкиот премиер Роберт Фицо како гостин на големиот митинг во Белградската арена, Фицо не се појави на настанот поради здравствени проблеми.
Непосредно пред митингот, прес-службата на словачкиот премиер соопшти дека Фицо не добил дозвола од својот лекар да патува со авион во Србија, објави Nova.rs.
Од СНС, пак, соопштија дека причината се последиците од обидот за атентат врз Фицо.
„Поради последиците од обидот за атентат, неговата здравствена состојба сè уште не му дозволува да патува со авион, иако негова голема желба беше да дојде во Белград и да присуствува на големиот национален митинг на листата на Александар Вучиќ“, соопшти СНС.
Сепак, од словачката Влада пристигна поинакво објаснување. Од таму соопштија дека актуелните здравствени проблеми на Фицо не се поврзани со атентатот од мај 2024 година, туку дека станува збор за „акутни здравствени проблеми – вирусна инфекција“.
Случајот предизвика реакции и во српската опозиција. Срѓан Миливојевиќ, поранешен претседател на Демократската партија, објави снимка од Фицо и постави прашање како е можно словачкиот премиер да е болен, а непосредно пред тоа да одржал прес-конференција.
„Тој е болен, а вчера имаше прес-конференција?!“, напиша Миливојевиќ.
Тој тврди дека Фицо претходниот ден зборувал за својата здравствена состојба и се чувствувал добро. Во меѓувреме, објавите на официјалната веб-страница на словачката Влада покажуваат дека Фицо бил активен во последните денови, иако не отпатувал во Белград. Фицо денеска зборувал на конференција посветена на системот за изнајмување станови поддржан од државата, додека вчера се обратил во врска со буџетот за 2027 година.
На 3 октомври, пак, словачката Влада објавила дека Фицо, заедно со лидерите на земјите од групата „Пријатели на кохезијата“, потпишал заедничко писмо до ирскиот премиер Мајкл Мартин, во пресрет на следната фаза од преговорите за повеќегодишната финансиска рамка на Европската Унија за периодот 2028–2034 година.
Така, додека СНС отсуството на Фицо од Белград го поврза со последиците од атентатот, словачката Влада како причина наведе акутна вирусна инфекција.

