ПО ШЕСТ ДЕНА ШТРАЈК СО ГЛАД Василевски си замина, но битката не завршува

„Си одам со нарушено здравје, но горд на себе“ - докторот најави инспекциска и судска проверка на конкурсот за кој тврди дека бил оштетен и дискриминиран

ПО ШЕСТ ДЕНА ШТРАЈК СО ГЛАД Василевски си замина, но битката не завршува
Фото: Принтскрин

Докторот Дарко Василевски го прекина штрајкот со глад што шест дена го одржуваше пред Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, откако разговарал со деканот на факултетот.

„Си одам со нарушено здравје, но горд на себе“, порача Василевски по завршувањето на протестот.

Причина за неговиот револт беше последниот конкурс за вработување на двајца доктори по медицина на неопределено време во Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија. Василевски тврдеше дека бил оштетен во постапката и дека бил дискриминиран врз основа на возраста.

За време на штрајкот, тој очекуваше надлежните институции да покажат интерес за неговиот случај и преку разговор да се најде решение. Во првите денови од протестот, како што изјавуваше, немал официјален контакт ниту од Деканатот ниту од друга институција.

Василевски изјави дека по шест дена штрајк почнал да чувствува замор и изнемоштеност, но дека неговата здравствена состојба била следена од колеги и пријатели лекари. Во меѓувреме, на локацијата бил поставен и шатор во кој престојувал.

Иако го прекина штрајкот, Василевски најави дека нема да се откаже од случајот. Тој ќе бара проверка на целата постапка пред надлежните инспекциски и судски институции, бидејќи смета дека изборот за вработување не бил спроведен на фер и транспарентен начин.

Василевски претходно реагираше и на јавно објавениот став на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, која изнесе информации за неговиот случај добиени од Деканатот. Тој изрази жалење што Асоцијацијата не го контактирала пред да го објави ставот и оспори дел од изнесените информации.

„Не постои ПЗУ ‘Медикус Хелп’ каде што јас сум бил вработен. Сè уште немам 46 години“, наведе Василевски.

Тој се осврна и на информациите поврзани со неговата приватна специјализација. Од Асоцијацијата претходно беше соопштено дека специјализацијата била финансирана од неговиот тогашен работодавач, а по престанувањето на работниот однос престанало и финансирањето. Беше наведено и дека во септември 2026 година специјализацијата му била прекината поради незавршување во рокот предвиден со Правилникот.

Василевски потврди дека имало доцнење во плаќањето на специјализацијата, но објасни дека причината била од финансиска природа и дека обврските во меѓувреме целосно ги подмирил.

„Во однос на специјализацијата, точно е дека од финансиски причини не бев во можност да ја платам навреме. Но, сега е целосно подмирена и дадени ми се насоки од Деканатот како понатаму согласно важечките правила и прописи“, наведе тој.

Василевски побара и појаснување од Асоцијацијата за правната основа врз која биле објавени информациите за финансирањето на неговата специјализација. И покрај прекинот на штрајкот, докторот порача дека ќе продолжи да ги користи институционалните и правните механизми за да ја провери постапката за вработување.

Тој истакна дека останува посветен на медицинската професија и дека ќе продолжи со своето стручно усовршување и надградување на знаењето и искуството.

CATEGORIES
Share This