ВУЧИЌ ЈА ВИДЕ СРПСКАТА ЦРКВА ВО СКОПЈЕ – МПЦ-ОА срамежливо реагира, Мицкоски не коментира

Сега погледите се свртени кон СПЦ: ќе го појасни ли ставот на српскиот претседател или ќе остави простор за нови толкувања.

ВУЧИЌ ЈА ВИДЕ СРПСКАТА ЦРКВА ВО СКОПЈЕ – МПЦ-ОА срамежливо реагира, Мицкоски не коментира
Фото: Принтскрин

Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија реагираше на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој неодамна, говорејќи за Српската православна црква, го спомена и Скопје, велејќи дека „Српската Црква е иста“ и во главниот град на Македонија.

Изјавата предизвика реакции во јавноста, особено поради тоа што може да се протолкува како порака поврзана со црковната јурисдикција. МПЦ-А во својата реакција не бара директно Вучиќ да ја повлече или појасни изјавата, но посочува дека својата духовна и пастирска мисија ја остварува кон сите православни христијани „на својата канонска територија“, независно од нивната национална, етничка, политичка или културна припадност.

Синодот истовремено ја нагласува историската улога на МПЦ-ОА во духовниот живот на македонскиот народ, но потенцира дека таа е „Црква отворена за сите“, обединувајќи ги верниците во единството на верата и евхаристиското заедништво и надминувајќи ги политичките, идеолошките и општествените поделби.

Во реакцијата се нагласува и дека Евангелието, верата во Воскресението и благосостојбата на доверените души се водилка во дејствувањето на Црквата, додека политичките и идеолошките платформи „од каде и да доаѓаат“ се отфрлаат.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски не сакаше директно да ја коментира изјавата на Вучиќ. Тој порача дека за него МПЦ-ОА „Јустинијана Прва“ е „најсветол дел од македонскиот православен идентитет“ и дека нема намера да навлегува во „дневна комуникација со изблици на нешто кое повеќе наликува на минатиот век, а не на 21 век“.

Клучното прашање што останува по изјавата на Вучиќ е дали неговото споменување на Скопје било само во контекст на српската заедница во Македонија или претставува поширока порака за црковна припадност и јурисдикција. Одговорот на ова прашање, според логиката на самата реакција на МПЦ-ОА, треба да се бара преку принципот на канонската територија, а не преку етничката припадност на православните верници.

Токму затоа, дополнително внимание се очекува и на евентуална реакција од Српската православна црква, која би можела директно да појасни дали изјавата на српскиот претседател претставува негов политички став или одразува став на СПЦ за црковната јурисдикција во Скопје.

CATEGORIES
TAGS
Share This