НОВО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ ВО СЕПТЕМВРИ Овојпат не сите ќе добијат исто
По неколкуте линеарни покачувања, следното усогласување ќе биде процентуално, што значи дека повисоките пензии ќе добијат и поголемо зголемување во денари.

Пензионерите во Македонија во септември ги очекува ново зголемување на пензиите, но за разлика од претходните линеарни покачувања, овојпат усогласувањето треба да биде процентуално.
Тоа значи дека висината на зголемувањето ќе зависи од износот на пензијата. Пензионерите со повисоки месечни примања ќе добијат и поголемо покачување во денари, додека кај пониските пензии зголемувањето ќе биде помало.
Конечниот процент сè уште не е утврден. Тој ќе биде познат откако ќе се пресметаат и објават релевантните економски показатели врз основа на кои се врши усогласувањето. Новото зголемување следува по серијата линеарни покачувања во изминатиот период. Според податоците на Фондот на ПИОМ, од септември 2024 до март 2026 година пензиите кумулативно се зголемиле за околу 7.000 денари месечно.
Очекуваното покачување доаѓа во период кога пензионерите се соочуваат со зголемени трошоци за храна, сметки, лекови и други основни потреби. За голем број домаќинства пензијата е и главен, а понекогаш и единствен извор на приходи.
Колку точно ќе изнесува зголемувањето за секој пензионер ќе биде познато по утврдувањето на конечниот процент на усогласување. Септемвриската пензија, со вклученото ново зголемување, се очекува да биде исплатена во октомври.

