ВОЗАЧОТ НА ЈАНУШЕВ ФАТЕН СО 500 ЕВРА Барал 1.500 евра за вработување пожарникар, заврши во притвор
Осомничениот ветувал дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје – судот му определи 30 дена притвор.

Возач вработен во Службата за општи и заеднички работи на Владата е осомничен дека побарал 1.500 евра за да посредува за вработување пожарникар во Град Скопје. Тој бил фатен при примопредавање на 500 евра, како дел од побараната сума, по што судот му определил 30-дневен притвор.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отворило истражна постапка против осомничениот за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Според Обвинителството, случајот бил пријавен од граѓанин од кого осомничениот во периодот од 24 јули до 4 септември побарал 1.500 евра. Како што е наведено, тој се повикувал на своето претпоставено влијание и ветил дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје за вработување на граѓанинот по огласот за прием на пожарникари.
По пријавата, во координација со надлежниот јавен обвинител биле преземени мерки за обезбедување докази. На 4 септември осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра, кои претходно биле обележани и претставувале дел од вкупно побараните 1.500 евра.
Обвинителот побарал определување притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, како и опасност од повторување на делото.
Судија на претходна постапка го прифатил предлогот и определил притвор во траење од 30 дена.
Од Обвинителството апелираат до граѓаните навремено да ги пријавуваат случаите на корупција, поткуп и противзаконито влијание, посочувајќи дека соработката со институциите е клучна за обезбедување докази и ефикасно постапување.

