ИСАР ЌЕ ЗАБЛЕСКА ВО НОВО РУВО Штипската тврдина добива целосна реставрација вредна 1,5 милиони евра
Во рок од 18 месеци повеќевековниот симбол на Штип ќе биде конзервиран, ќе добие три нови видиковци, уреден Акропол и ново осветлување.

Повеќевековниот симбол на Штип, тврдината Исар, влегува во голем проект за целосна реставрација и конзервација, кој треба да заврши во рок од 18 месеци. Со инвестицијата вредна 1,5 милиони евра, историскиот локалитет треба да добие нов лик и да прерасне во современа туристичка атракција, според примерот на Самоиловата тврдина во Охрид и Скопското Кале.
Проектот се финансира со средства обезбедени од Владата преку унгарскиот заем, а реализацијата веќе е започната. На терен е пробиен помошен пат кој ќе се користи за транспорт на градежниот материјал, додека изведувачот „Стентон градба“, во соработка со Музејот на град Штип, врши селекција на соодветен камен со цел да се зачува автентичноста на историската градба.
Предвидена е целосна конзервација на тврдината, уредување на Акрополот, изградба на три нови видиковци и поставување целосно ново осветлување.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, оцени дека станува збор за капитален проект од особено значење за културата и туризмот. По завршувањето на работите, Исар ќе понуди ново туристичко искуство и панорамски поглед кон Штип, како и кон реките Брегалница и Отиња.
Со реализацијата на проектот, Исар треба да стане едно од препознатливите туристички места во источниот дел на земјава и значително да го зголеми туристичкиот потенцијал на Штип.

