ВОЗАЧИТЕ НА ШТРЕК Од денес нов режим на сообраќај кај Штип – АМСМ предупредува и на опасни делници низ државата

Од денес започнува санација на мостот кај Штип, додека на повеќе патни правци низ државата се во сила времени режими. АМСМ ги повикува возачите на зголемена внимателност поради можни одрони и активни градежни работи.

ВОЗАЧИТЕ НА ШТРЕК Од денес нов режим на сообраќај кај Штип – АМСМ предупредува и на опасни делници низ државата
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива непречено по суви коловози, информира АМСМ. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од денес (6 јули) започнува времена измена на сообраќајот поради санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204 кај Штип. Изменетиот режим ќе биде во сила до завршување на градежните работи.

АМСМ апелира возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ клисурите, речните долини и котлините, каде што постои опасност од појава на одрони. Поголема претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сите возила со маса до 3,5 тони.

Во сила останува и летната забрана за движење на тешки товарни возила над 15 тони на државните патишта, која важи од 1 јули до 31 август во определени термини за време на викендите, како и во денови со екстремно високи температури. Дополнително, на автопатот А2 Скопје – Охрид важи посебен режим со ограничување за товарни возила над 7,5 тони за време на викендите.

Во повеќе делови од државата продолжуваат градежни работи и важат времени режими на сообраќај, меѓу кои на делниците Гостивар – Стража, мостовите кај Желино, автопатот Смоквица – Гевгелија, скопската обиколница, патот Косоврасти – Мелнички Мост, како и на делницата Прилеп – Битола поради изградбата на Коридорот 10Д. Возачите се повикуваат да ја следат поставената сигнализација и да ги почитуваат привремените сообраќајни режими.

CATEGORIES
Share This