МВР УДРИ ПО НЕСОВЕСНИТЕ ВОЗАЧИ – 31 моторџија без шлем, шестмина завршија со лисици во Струмица
За само шест часа полицијата изрече 70 санкции, приведе шест лица – меѓу нив и малолетник, а одземен е и еден мотоцикл.

Вкупно 70 санкции и шест приведени е билансот од засилената сообраќајна акција што ја спроведе Мобилната единица за безбедност на сообраќајот при Секторот за сообраќајни работи, заедно со Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување, на подрачјето на Струмица.
Акциската контрола била реализирана на 5 јули, во периодот од 17:00 до 23:00 часот, а била насочена кон возачи на мопеди, мотоцикли, четирицикли и електрични тротинети кои ги прекршуваат сообраќајните правила и прописи.
Во текот на контролата биле изречени 70 санкции за сообраќајни прекршоци и констатирани кривични дела. Од нив, една санкција е изречена на возач на електричен тротинет, пет на возачи на мотоцикли со истечена важност на сообраќајната дозвола, 31 на возачи кои управувале без заштитен шлем, три за управување без соодветна возачка категорија и уште три поради неистакната регистарска таблица. Констатирани биле и други прекршоци.
Полициските службеници откриле и шест кривични дела „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Меѓу лицата лишени од слобода има и еден малолетник, а против сите шестмина ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
За време на акцијата бил одземен и еден мотоцикл бидејќи му била истечена сообраќајната дозвола повеќе од шест месеци, согласно член 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел подобрување на безбедноста на патиштата.
Воедно, од МВР повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, истакнувајќи дека одговорното однесување е клучно за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.


