ВОНРЕДНА КОНТРОЛА, ВОНРЕДНИ КАЗНИ – Четири управители без лиценца по проверката
Вонредна контрола откри пропусти, дел од фирмите не доставиле податоци ниту ги исполниле законските обврски.

Регулаторната комисија за домување соопшти дека при вонредна контрола одзела лиценци на четири фирми кои управуваат со станбени згради, поради утврдени неправилности и неисполнување на законските обврски.
Контролата била спроведена за да се утврди дали управителите го усогласиле своето работење со измените на Законот за домување, кои стапија на сила со објавата во „Службен весник“ бр.160/2025. Според законот, тие имале рок од шест месеци да ги прилагодат своите активности.
Проверката опфатила управители од повеќе градови низ државата, меѓу кои Скопје, Охрид, Прилеп, Тетово, Гостивар, Струмица, Штип, Битола, Кичево, Велес, Куманово, Кочани и Кавадарци. Кај 62 субјекти било утврдено дека работат согласно прописите.
Кај четири управители, три од Скопје и еден од Струмица биле констатирани пропусти како недоставување податоци и непочитување на законските обврски. На еден од нив му била одземена лиценцата и поради тоа што повеќе од шест месеци не вршел дејност, со што практично се откажал од управувањето.
Од Комисијата информираат дека две од фирмите по одземањето на лиценците ги исполниле своите обврски, вклучително и враќање на средствата од резервниот фонд и изготвување завршни финансиски извештаи.
Според последните податоци, во државата има 8.053 станбени згради со организирано управување. Од нив, 5.600 се под управување на лиценцирани управители, со склучени договори за 135.338 станови и деловни простории. Воедно, евидентирани се и 2.453 активни заедници на сопственици.
