ВНИМАВАЈТЕ АКО ПАТУВАТЕ НИЗ МАКЕДОНИЈА Овие патишта носат нови правила, забрани и изменет режим на сообраќај
АМСМ со важно известување за возачите: поради зголемен сообраќај, работи на патиштата и летни ограничувања, на повеќе делници се потребни дополнително внимание и внимателно планирање на патувањето.

Сообраќајот на државните патишта во Македонија во моментов се одвива непречено, по суви коловози, но интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, засега, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ апелира до возачите да ја приспособат брзината, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат внимателни, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност од појава на одрони. Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во текот на летниот период важат и посебни ограничувања за тешките товарни возила. До 31 август е забрането движењето на товарни возила со вкупна маса над 15 тони во одредени термини за време на викендите. Забраната важи во петок од 17 до 22 часот, во сабота од 9 до 18 часот и во недела од 9 до 22 часот. Во денови со екстремно високи температури, ограничувањето се применува и од понеделник до четврток, од 11 до 17 часот.
Посебен режим до 1 септември важи и на магистралниот пат А2 на делницата Скопје – Охрид – Скопје. Таму е забрането движењето на тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони во петок од 15 до 22 часот, во сабота од 7 до 12 и од 18 до 24 часот, како и во недела од 7 до 22 часот. Ограничувањата не се однесуваат на одредени категории возила, меѓу кои оние што превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.
Дополнително, во периодот од 17 август до 1 октомври 2026 година е изменет режимот на сообраќај пред наплатната станица Преод на автопатот А4, на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип, поради санација на косината.
На повеќе патишта низ земјава се одвиваат и други градежни и санациони активности. Времен режим е воспоставен на Р1204 во Штип, каде се санира мостот на реката Брегалница, како и на А2 на делницата Гостивар – Стража, каде се работи на мостовите кај Атанасова Река и Дол.
Санациони активности се изведуваат и на мостовите на реката Вардар во близина на Желино, во двата правци на А2. На А1, на делницата Смоквица – Гевгелија, се изведува премин на интерконективен гасовод под автопатот, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим.
На скопската обиколница, на А2, се врши рехабилитација на делница од околу 250 метри меѓу клучките Волково и Кондово. Затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната и десната лента.
Времен режим е воспоставен и на регионалниот пат Р1202, на делницата Косоврасти – Мелнички Мост, поради санација на свлечиште. Во рамки на изградбата на Коридор 10Д, пак, на патниот правец Прилеп – Битола движењето на возилата се пренасочува по регионалниот пат на делницата од клучката Лагово до Тополчани.
Од 15 април отворен е и патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица, но само за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Возачите се повикуваат внимателно да ги следат поставените сообраќајни знаци и времените режими, особено на делниците каде што се изведуваат градежни работи, и да ја приспособат брзината кон условите на патот.

