ДУИ МУ ФРЛИ РАКАВИЦА НА МИЦКОСКИ Да се распушти Собранието, да одиме на избори
По изјавата на премиерот дека Владата е подготвена за предвремени избори, ДУИ веднаш возврати и побара да започнат изборните подготовки.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагираше на изјавата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека Владата е подготвена да организира предвремени парламентарни избори доколку тоа го побара опозицијата.
„Го бараме тоа. Конечно и премиерот разбра дека оваа состојба е неодржлива и дека на државата ѝ е потребен нов политички мандат“, порачаа од ДУИ.
Од партијата сметаат дека изјавата на Мицкоски треба веднаш да биде проследена со конкретни чекори. ДУИ бара да се утврди најкраткиот уставен рок за одржување предвремени парламентарни избори и изборните подготовки да започнат во најкус можен рок.
Според ДУИ, актуелната Влада го загубила легитимитетот да продолжи со политиките што, како што наведуваат, водат кон европска изолација, влошување на меѓуетничките односи, нарушување на Охридскиот договор и намалување на застапеноста на Албанците во институциите.
„Доколку понудата на премиерот е сериозна, нема причина за одложувања, изговори или политички калкулации. Опозицијата го даде својот одговор. ДУИ е подготвена. Да се распушти Собранието, да се определи датумот и да одиме на избори“, порачаа од партијата.
Мицкоски вчера изјави дека неговиот став останува дека Владата има добиено четиригодишен мандат, кој истекува во пролетта 2028 година. Сепак, тој нагласи дека доколку опозицијата побара предвремени избори, Владата е подготвена да разговара и да се договори термин.
„Мојот став е познат во јавноста и ставот на оваа Влада е дека ние добивме мандат за четири години. Мандатот завршува пролетта 2028 година“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека, доколку опозицијата побара избори, е подготвен за лидерска средба на која би се договорил датумот за нивно одржување.
„Нормално е ние кукавички да не бегаме од избори. Напротив, ние сме подготвени во секое време да излеземе и да ги победиме“, изјави премиерот.
Со реакцијата ДУИ практично го прифати повикот на Мицкоски, отворајќи простор за политички договор околу евентуално распуштање на Собранието и организирање предвремени парламентарни избори.

