ВНИМАНИЕ ВО СООБРАЌАЈОТ Колони на „Богородица“, нови забрани и измени на патиштата

Зголемена фреквенција на патиштата, околу 30 минути се чека за излез од државата на „Богородица“, а возачите се предупредуваат на одрони и повеќе делници со времен режим на сообраќај.

ВНИМАНИЕ ВО СООБРАЌАЈОТ Колони на „Богородица“, нови забрани и измени на патиштата
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено и по суви коловози, информира АМСМ.

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин „Богородица“ има зголемена фреквенција на возила, а времето на чекање за излез од државата изнесува околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од земјата.

АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата. Особено внимание се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони.

Ова особено се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 април, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

ЛЕТЕН РЕЖИМ ЗА ТЕШКИ ТОВАРНИ ВОЗИЛА

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во земјава важи летен режим на сообраќај, со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на викендите и во денови со екстремно високи температури.

Забраната важи:

  • петок: од 17:00 до 22:00 часот;
  • сабота: од 09:00 до 18:00 часот;
  • недела: од 09:00 до 22:00 часот.

Во денови со екстремно високи температури, определени од Министерството за здравство, забраната важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Ограничувањето не се однесува на возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и на возила ангажирани за реализација на проекти на државните патишта согласно договори со ЈП за Државни патишта.

ПОСЕБЕН РЕЖИМ НА А2 СКОПЈЕ – ОХРИД

На магистралниот пат А2, на делницата Скопје – Охрид – Скопје, со важност до 1 септември, важи посебна забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони за време на викендите.

Забраната важи:

  • петок: од 15:00 до 22:00 часот;
  • сабота: од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот;
  • недела: од 07:00 до 22:00 часот.

Посебниот режим е воведен во текот на летниот период со цел да се избегнат сообраќајни застои кон Охрид, да се намалат задржувањата на наплатните пунктови и да се овозможи побрз проток на возилата.

Забраната не важи за возила што превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.

РАБОТИ НА ПАТИШТАТА

На повеќе патни правци во земјава се изведуваат градежни и санациони активности, поради што се воспоставени времени режими на сообраќај.

Од 6 јули 2026 година е воведена времена измена на сообраќајот поради санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204 во Штип. Режимот ќе важи до завршување на санацијата.

Времен режим е воспоставен и на државниот пат А2, на делницата Гостивар – Стража, каде се врши санација на мостовите – Вијадукт на Атанасова Река и Вијадукт на Дол.

Градежни активности се изведуваат и на мостовите на А2 над реката Вардар во близина на село Желино, во двата правци, Скопје – Желино и Желино – Скопје.

На автопатот А1 „Пријателство“, на делницата Смоквица – Гевгелија, се изведуваат активности за поставување интерконективен гасовод под автопатот, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим на сообраќај.

На скопската обиколница, на државниот пат А2, во тек е рехабилитација на делница во должина од 250 метри од клучката Волково до клучката Кондово. Затворена е левата сообраќајна лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната лента и по лентата за принудно запирање.

Времен режим на сообраќај е воспоставен и на регионалниот пат Р1202, делница Косоврасти – Мелнички Мост, поради санација на свлечиште.

Во рамки на изградбата на Коридорот 10Д, во тек е и времен режим на сообраќај на патниот правец Прилеп – Битола, при што движењето на возилата се пренасочува по регионалниот пат Прилеп – Битола, на делницата од клучката Лагово до Тополчани.

CATEGORIES
Share This