ВМРО-ДПМНЕ БАРА ИТНА РАСПРАВА ЗА АЛТА БАНКА Стојаноски откри кога сакаат да се соочат сите со прашањата
Стојаноски вели дека граѓаните заслужуваат одговори и дека нема простор за ново одложување.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара надзорната расправа за случувањата поврзани со Алта банка да се одржи денеска, 5 ноември, со почеток во 11 часот. Пратеникот Бојан Стојаноски соопшти дека партијата ги обезбедила потребните потписи за итно закажување на расправата од претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска.
Стојаноски потсети дека Комисијата во понеделникот едногласно донела одлука за одржување надзорна расправа за Алта банка, при што ВМРО-ДПМНЕ инсистирала таа да се организира во најкус можен рок. Според него, на денешната координација на пратеничките групи било предложено расправата да се одржи уште утре, но кај претставниците на СДСМ имало колебање околу предложениот термин.
„Ние предложивме да ги скратиме сите можни процедури коишто се дадени во Деловникот, за да можеме и гостите да ги поканиме во текот на денешниот работен ден, а и на сите отворени прашања поврзани со оваа тема да дадеме одредени одговори“, изјави Стојаноски.
Бидејќи, како што посочи, до моментот на неговото обраќање немале добиено одговор на барањето, пратениците се повикале на член 126 став 2 од Деловникот на Собранието и обезбедиле потписи од една третина од членовите и замениците-членови на Комисијата за финансирање и буџет.
„Бараме од неа да ја закаже надзорната расправа утре, во 11 часот, бидејќи сметаме дека оваа важна тема заслужува одговори сега и веднаш“, порача Стојаноски.
Тој нагласи дека целта на расправата не е политизација на случајот, туку отворање на прашањата од јавен интерес и добивање конкретни одговори за граѓаните. Според Стојаноски, нема оправдување за дополнително одложување, бидејќи Комисијата уште од понеделникот имала доволно време да ги спроведе потребните процедури.
„Ајде да не одложуваме повеќе и утре, веднаш и неодложно, да ја одржиме надзорната расправа“, повика пратеникот.
Тој додаде дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги постават сите прашања што ја интересираат јавноста, оценувајќи дека околу случајот се создава непотребна паника и дека граѓаните заслужуваат целосни одговори.

