СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА СЕ СРЕТНА СО РУТЕ Македонија потврди посветеност на НАТО и целта за издвојување за одбраната
Претседателката во Брисел разговараше со генералниот секретар на НАТО за модернизацијата на Армијата, Коридорите 8 и 10, Украина и европската интеграција.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на работната посета на Брисел, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на која ја реафирмираше посветеноста на Македонија на Алијансата, колективната одбрана и зајакнувањето на сојузничкото единство.
Сиљановска-Давкова истакнала дека силната трансатлантска врска и единството меѓу сојузниците се основни предуслови за зачувување на безбедноста, стабилноста и одбранбената способност на НАТО.
Таа ја потврдила определбата на државата за достигнување на целта за издвојување средства за одбраната, согласно Хашкиот план, посочувајќи дека континуирано се инвестира во модернизацијата на Армијата, сајбер-отпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура.
Посебен акцент на средбата бил ставен и на Коридорите 8 и 10, кои претседателката ги оценила не само како инфраструктурни проекти, туку и како стратешки правци што ја поврзуваат регионалната соработка со безбедносните интереси на НАТО и Европската Унија, особено во контекст на воената мобилност.
Сиљановска-Давкова изразила задоволство од сертификацијата на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена, оценувајќи го тоа како потврда за професионалноста и способноста на македонската Армија да учествува во операции предводени од НАТО, ЕУ и Обединетите Нации.
Осврнувајќи се на европската интеграција, претседателката посочила дека искуството од членството во НАТО и исполнувањето на високите сојузнички стандарди треба да бидат пример за доследна примена на Копенхашките критериуми во процесот на пристапување кон Европската Унија.
На средбата била потврдена и поддршката за Украина, како и потребата од продолжување на политичката, воената, финансиската и хуманитарната помош.
Според Сиљановска-Давкова, сеопфатниот, праведен и траен мир мора да се темели врз меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации, а доследното почитување на овие принципи е неразделно од зачувувањето на меѓународниот поредок.

