ВЛАДИКАТА ПЕТАР ВО ЦАРИГРАД Не нè тепате, но не ни давате ни да плачеме

Јас сум Македонец, мојата земја е Македонија, мојата црква е Македонска православна црква, рекол Петар.

ВЛАДИКАТА ПЕТАР ВО ЦАРИГРАД Не нè тепате, но не ни давате ни да плачеме
Фото: Принтскрин

Не нè тепате, но не ни давате ни да плачеме“ – со оваа порака, митрополитот преспанско-пелагониски Петар им се обратил на челниците на Цариградската патријаршија на средбата на која, според неговото сведоштво, како „натрапници“ се појавиле Партениј и негов придружник, кои ги оцени како лица со антимакедонски позиции.

Во телевизиско гостување владиката Петар раскажа дека на средбата зборувал за, како што посочил, понижувањето и обесправувањето со кое македонската црква се соочувала низ годините.

„Јас им кажав дека овие двајцата се натрапници. Потоа им кажав дека ние сме понижувани, обесправувани, па и обесчестувани, дури и тепани од вас. Сето тоа сме го поднесувале од вас и од другите цркви и никогаш не сме дозволиле како црква да се здружиме со вашите непријатели, туку сме биле доследни и сме барале канонски да дојде нашето признавање како автокефална црква“, изјавил Петар.

Тој потоа, како што раскажува, им ја објаснил својата порака преку метафората за „плачењето“.

„Вие, да речеме, и нè тепате, и не е трагедијата во тоа што го поднесуваме тепањето, ама не ни давате да плачеме. Дозволете ни, барем, да плачеме. А во што е нашето плачење? Моето плачење е да речам дека јас сум Македонец, мојата земја се вика Македонија, мојата црква се вика Македонска православна црква, мојата нација е македонска нација. Е, тоа е нашето плачење“, рекол митрополитот.

Според неговото сведоштво, на оваа порака претставниците на Цариградската патријаршија немале одговор.

„Немаа на тоа одговор, се најдоа во небрано и во тој момент не знаеја како да изреагираат, затоа што тоа е вистината и вистината не треба никого да го навредува“, пренел владиката Петар во телевизиското гостување.

CATEGORIES
TAGS
Share This