ВЛАДАТА ГО УСВОИ РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТOТ Намалени приходите и расходите, дефицитот останува 3,9%
Дополнетиот предлог-ребаланс за 2026 година предвидува приходи од 374,2 милијарди денари и расходи од 420,5 милијарди денари. Проекцијата за економски раст останува 4,3%.

Владата денеска го усвои Дополнетиот предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година, со кој се предвидени нови реалокации на средствата меѓу буџетските корисници.
Од Министерството за финансии информираат дека измените следуваат по завршувањето на расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет, по што дополнетиот предлог повторно ќе биде доставен до Собранието за конечно усвојување на пленарна седница.
Со дополнетиот ребаланс, вкупните приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку од претходните проекции. Вкупните расходи исто така се намалуваат за 5,3 милијарди денари и се планирани на 420,5 милијарди денари.
Буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари, односно 3,9 проценти од бруто-домашниот производ. Проекцијата за економски раст во 2026 година останува 4,3 проценти.
Од Министерството за финансии посочуваат дека измените имаат цел да ги усогласат буџетските средства со новите економски услови, досегашната реализација и приоритетните исплати до крајот на годината.

